Има 70 години, а вози и по 100 км. дневно: Прилепчанец e вистински шампион на две тркала

Има 70 години, а вози и по 100 км. дневно: Прилепчанец e вистински шампион на две тркала

о мостот на Црна Река во Мариово е 1,5 саат возење, а потоа уште половина саат до манастирот Свети Илија

– Еден велосипед за низ град и еден за Мариово

Ретко кој друг прилепчанец, освен 70 – годишниот Талат Маџуни, кој потекнува од стара турска фамилија, е физички активен. Мераклија е за сите спортови, тренирал ракомет, постојано прави стомачни вежби, но “изгорен” е за возење велосипед. Секој ден е на две тркала. Ужива да врти на педалите низ Мариово каде се воодушевува на прекрасните глетки, на чистиот воздух и лете и зиме. Не е жив, “гладен” е, ако не го јавне велосипедот и не се џитне катаден по мариовските кривини. Ниту нагорнината на Слива не му е товар и мака за искачување. Упорен е и постојано ја одржува својата жилавост. Последните години ефективно вози неколку дена неделно. Со “автомобилот на две тркала” ја шетал цела Македонија. А Мариово го крстари најчесто. Го знае на прсти и в долж, и попреку.

– Сообраќајот таму е послаб. Се чувствувам безбеден, воздухот е преубав. Последниве години патот не се одржува. Има многу дупки и постои опасност од повреди. Но, се знаат местата и таму сум внимателен. До мостот на Црна Река возиме 1,5 час и се случува ниту еден автомобил да не сретнеме. Возам со пријатели – Диме, Мавро… Ако немам доволно време, тркнувам до манастирот Писокал – 18 километри. Додека работев во Пиварницата првин возев, а после работев втора смена. Немам гајле. Способен сум. Нозете ми се направени камен – вели Талат Маџини.

Велосипедски панталони со подлога

Мариовските височини ги совладува со добар велосипед. Не бил скап, за разлика од оние кои ги возат младите и чинат и 800 евра. Сиот бил со шимано – јапонски делови. Го чува со посебен ќеф. Шибал нагоре и секогаш прв стасувал.

За возење носи посебна гардероба. Шушкавецот е задолжителен, како и велосипедистички панталони со подлога да не биде тврдо седлото, додека патуваат со друштвото понекогаш и по 5-6 часа. Не застануваат никаде и речиси не прават починка. Носат само вода. Во зависност од времето, ја користат и опремата.

– Не се тргнува без две внатрешни резервни гуми. Се случило да се дупне гума, но тоа кај нас не трае долго. За 5 минути ја менуваме. Само вода носиме, никогаш кафе. Пред Писокал, на Слива, има многу убава вода. Ќе се напиеме и шибаме надолу накај Црна. Не одмораме, додека не стигнеме. Ќе каснам малку суво црно грозје или урми, и назад. Зимно време горе е сонце, а в град магла. Возењето велосипед ми претставува задоволство или прилепско кажано краста. Ако не појдам, се чувствувам неубаво – главата ме боли, омалаксан. ко неарен. По загубата на сопругата, ми разменуваат мислите со возење – раскажува Талат.

И зиме на Слива

До Црна е околу 38 км., а до манастирот Св. Илија околу 50 км. Не вози на други релации, бидејќи му е страв од густ сообраќај.

– Можам да возам и со затворени очи од Слива надолу. Ги знам сите кривини. Летно време кога е жешко, тргнуваме и во 22 ч. На вечер, а во 23 ч. сме горе. Мештаните се чудат. Не се чувствувам изморен. Не ме боли ништо – вели Талат.

Има посебна техника за слегување од Мариово.

– Не треба да се плашиш, ногата обратно да ти биде пуштена, да не си навален на кај кривината. Зиме се чисти снегот. Горе има сонце, се слекуваме и се миеме со снег. Невидена убавина – вели Талат.

Со велосипедот е од дете. Ретко оди пеш, секогаш е на скеле. Има еден за Мариово, еден за локален сообраќај, за в град, иако живее в центар. За низ град има словенечки велосипед со кој в зиме оди во Мариово.

Не може да пресмета колку километри минал на велосипед. Му се случило и 100 км. да мине дневно, врвејќи во Крушејца, Чаниште и до Витолиште. До Црна е 1,5 саат возење, а потоа уште половина саат до манастирот Свети Илија.

Им препорачува на младите да возат велосипед, бидејќи е здравје. Според него, никаде во Македонија нема поубава велосипедска патека, освен на патото за Мариово. Посакува градоначалникот да интервенира кај надлежните да го закрпат патот, оти имало дупки, кои се опасни.

ПАЗИ КРАВА!

Немал некоја незгода. Се плаши од добиток на патот.

– Еднаш се слизнав, оти гумите беа кинески, но сé мина без последици. Среќаваме и змии и смокови, но ги поминуваме. Еднаш поминав со тркалата змија на Слива. Не јавидов, оти возиме со 60-70 км/ч. Стравуваме најмногу од кравите. Проблем е изметот на добитокот кој предизвикува лизгање. Ги знаме пасишта и каде се движи добитокот на патот. Тука сме попретпазливи, обрнуваме поголемо внимание. Со врзани очи можам да слезам од Слива – вели Талат.

Извор: “Неделник Зенит”

admin

Leave a Reply

Your email address will not be published.